Известување

Скопје, 15 Мај 2017
 
Почитувани,
 
Објавен е третиот јавен повик за проектот “Странски експерти за домашни компании. 
 
Владата на Република Македонија, водејќи се од политиката на унапредување на деловното окружување, континуирано работи на подобрување на бизнис климата со цел зајакнување на конкурентноста на домашните компании и зголемување на економскиот раст. Ценејќи ги знаењето и стручноста на докажани странски експерти од различни сектори и индустрии, како и позитивните искуства кои домашни и странски компании ги имале со ангажман на таквите експерти, една од мерките кои Владата на Република Македонија веќе ја имплементира е ангажирање на странски експерти и користење на нивната стручна помош за потребите на македонските компании.
 
Со овој Јавен повик, Владата на Република Македонија ги охрабрува и ги повикува компаниите од приватниот сектор да пројават интерес за користење стручна помош од странски експерти од различни сектори како на пример: базични материјали, производи за секојдневна потрошувачка, здравство, индустриски производи и технологија. Компаниите кои припаѓаат на овие и други индустриски сектори и имаат потреба од странски експерт, треба да ја наведат конкретната потреба за ангажман на експертот, односно делот од производствениот или организациониот процес за кој е потребна експертиза и предметот на експертиза. Особено се охрабруваат да пријават интерес компании кои сакаат да го подобрат својот техничко - технолошки процес со цел зголемување на продуктивноста и профитабилноста во работењето и конкурентноста на производите кои ги нуди компанијата.
По добивањето на апликациите работна група при Канцеларијата на претседателот на Владата ќе изврши теренска посета со цел подетално запознавање со потребата од ангажирање на странски експерт.
 
Апликациите на оние компании кои ги исполнуваат условите од овој јавен повик ќе бидат проследени до странски организации кои нудат експертска помош. Доколку странската организација во својот регистар има експерт од областа или пак за потребата која ја има домашната компанија истиот ќе биде ангажиран. Владата на Република Македонија ќе овозможи, во соработка со странските организации кои нудат ваков вид на техничка помош, да бидат покриени средствата потребни за ангажирање на странскиот експерт. Домашните компании ќе имаат обврска да ги покријат трошоците за сместување, храна и локален транспорт на експертот за периодот за кој тој ќе присуствува во домашната компанија. Избраните експерти, со цел да направат анализа на работењето, во период од 7 до 21 ден престојуваат во домашната компанија врз основа на што треба да дадат свои совети и мислења во насока на подобрување на работењето и размена на искуства во сферата која е предмет на интерес.
 
Компаниите кои ќе аплицираат на овој Јавен повик, освен што треба да се од секторите наведени во Јавниот повик, потребно е да ги исполнуваат и следните услови:
 
  • Да имаат најмалку два последователни финансиски извештаи (за што како доказ со апликацијата се доставува последни два биланси на успех и биланси на состојба);
  • Да имаат најмалку 10, а најмногу 250 вработени (за што како доказ со апликацијата се доставува Декларација за прием на МПИН);
  • Да имаат најмалку 51% учество на домашен капитал (за што како доказ со апликацијата се доставува Тековна состојба од Централен регистар на Република Македонија).

 

Апликацијата за пополнување и за пројавување на интерес може да се најде на веб локацијата www.stranskieksperti.gov.mk и тоа:

 

  • За on-line апликација (http://www.stranskieksperti.gov.mk/aplikacija)
  • За апликација во писмена форма: (.doc апликацијата преземете ја тука ) (.pdf апликацијата преземете ја тука ) со назнака на дописот: “Пројавување интерес за користење стручна помош од странски експерти” кој се испраќа на адреса: Влада на Република Македонија, бул: Илинден бр. 2, 1000 Скопје.
 
Контакт тел: 02 3 220 061 e-mail: stranskieksperti@primeminister.gov.mk 
Рокот за пријавување на повикот е заклучно 29.7.2017 година.
 
Со почит,
Работна група во рамки на Канцеларија на претседател на Влада на Република Македонија задолжена за проектот "Странски експерти за домашни компании"