Известување

Почитувани,

На 17.07.2017 година во Владата на Република Македонија беше промовиран третиот јавен повик за проектот „Странски експерти за домашни компании“, на кој присуствуваа Заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, проф. д-р Кочо Анѓушев, амбасадорката на Република Швајцарија во Република Македонија, Сибил Сутер Тејада, министрите задолжени за привлекување на странски инвестиции и подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ, Зорица Апостолоска, Рамиз Мерко, Аднан Ќахил, претставници на Стопанска Комора на Македонија, Сојузот на Стопански комори на Македонија и Стопанска комора на северо-западна Македонија, како и претставници на домашните претпријатија кои ги споделија своите искуства од досегашното спроведување на овој проект.

Свое поздравно обраќање пред присутните имаше заменик претседателот на Владата на Република Македонија, проф. д-р Кочо Анѓушев кој ја потврди силната заложба и поддршка на новата влада за раст и развој на домашните компании и како што рече тој, ова е една од мерките што ќе придонесе кон јакнење и зголемување на капацитетите на домашните фирми.

Амбасадорката на Швајцарија во Република Македонија, нејзината екселенција Сибил Сутер Тејада, изјави дека Швајцарија останува цврсто посветена во помошта што ја дава за економски развој на Македонија и за таа цел Швајцарија учествува со поддршка во 14 економски проекти во земјава. Со оваа помош, во рамките на швајцарскиот проект „Зголемување на пазарната вработеност“, поддржани се 12 мисии на швајцарски експерти во Македонија.

Претставниците на стопанските комори ги поздравија и ги истакнаа позитивните резултати и придобивките што домашните претпријатија ги имаат од ваквиот тип на експертска поддршка.

Досегашните постигнувања говорат дека дури 78% од компаниите се задоволни од користењето на странска експертиза, а 90% повторно би аплицирале за ваква помош. Воедно на основа на анализата на одговорите на прашалниците на домашните компании кои користеле странска експертска помош, констатирано е дека овој проект придонел со креирање на просечно шест нови работни места во секоја од компаниите.

На настанот уште еднаш беа истакнати условите за аплицирање на третиот јавен повик: домашната компанија да постои најмалку 2 години, да има минимум 10 а максимум 250 вработени и да има најмалку 51% домашен капитал. Воедно беше потенцирано дека рокот за пријавување на овој трет повик е заклучно со 29.07.2017 година, а за сите дополнителни информации во врска со проектот, заинтересираните компании може да го контактираат Димче Лазаревски, одговорен за проектот, на следниот контакт телефон: (02)3220-061.


Со почит,

Работна група во рамки на Канцеларија на претседател на Влада на Република Македонија задолжена за проектот "Странски експерти за домашни компании"