Често поставувани прашања

Често поставувани прашања

Кои услови треба да ги исполнува мојата компанија за да можам да аплицирам на овој проект?

  • Компанијата да постои најмалку 2 години;
  • Компанијата да има најмалку 5, а најмногу 250 вработени;
  • Компанијата да има најмалку 51% учество на домашен капитал

Како изгледа целокупната постапка?

  • Објавување на јавен повик од страна на Владата
  • Аплицирање до Владата од страна на домашната компанија
  • Потврда за исполнување на условите од страна на Владата
  • Посета на домашната компанија од страна на Владата
  • Аплицирање од страна на домашната компанија до странската организација со која Владата има склучено договор за соработка
  • Утврдување на конкретната потреба помеѓу странската организација и домашната компанија
  • Предлог за експерт од страна на странската организација
  • Проверка на експертот од страна на домашната компанија и негово одобрување или одбивање
  • Утврдување на период во кој би се реализирала мисијата помеѓу домашната компанија и експертот
  • Реализација на мисијата од страна на експертот
  • Одговор на прашалникот поставен од Владата од страна на домашната компанија

Објавување на јавен повик од страна на Владата

Владата на Република Македонија вообичаено еднаш годишно објавува јавен повик на кој домашните компании го пројавуваат својот интерес за користење стручна помош од странски експерти. Објавувањето на јавниот повик се врши во најмалку три најтиражни дневни весници (еден на албански јазик) и огласот трае најмалку еден месец. За објавувањето на јавниот оглас се организираат и други информативни настани на кои се повикуваат сите здруженија и организации на домашните компании и се спроведуваат најразлични промотивни активности.
Со цел да не го пропуштат објавувањето на јавниот повик домашните компании може во секое време да се регистрираат за во иднина да добиваат известувања за сите новости поврзани со овој проект меѓу кои и објавувањето на новиот јавен повик.

Аплицирање од страна на домашната компанија

Секоја домашната компанија која ги исполнува основните услови, подетално објаснети во првото прашање, може да аплицира на објавениот јавен повик на три начини:
  • Преку on-line аплицирање на Аплицирај со пополнување на апликацијата;
  • Преку електронска пошта: stranksieksperti@primeminister.gov.mk (.doc апликацијата можете да ја преземете тука) со праќање на пополнетиот документ на наведената e-mail адреса.  
  • По пошта, со пополнување на апликацијата во писмена форма: (.pdf апликацијата преземете ја тука) и праќање по пошта, со назнака на дописот: “Пројавување интерес за користење стручна помош од странски експерти” кој се праќа на адреса: Влада на Република Македонија, бул: Илинден бр. 2, 1000 Скопје.

Потврда за исполнување на условите од страна на Владата

По добивањето на апликацијата, во рок од 15 календарски дена, Владата по електронски пат го потврдува исполнувањето на условите согласно објавениот јавен повик. Доколку во текот на постапката на добивање на експертска помош, во домашната компанија настанат одредени околности поради што таа веќе не ги исполнува условите наведени во јавниот повик, домашната компанија се известува дека не ги исполнува условите веднаш по утврдувањето на таквата состојба и го губи правото на учество во овој проект.

Посета на домашната компанија од страна на Владата

Во рок од два месеци од завршувањето на јавниот повик владини претставници ја посетуваат домашната компанија со цел подетално да се запознае менаџментот на компанијата со целокупната постапка. Посетата има за цел и да се потврдат податоците наведени во апликацијата, очекуваната посветеност на менаџментот во исполнување на обврските кои произлегуваат од Проектот, како и да се утврди итноста на потребата/проблемот со кој се соочува домашната компанија.

Аплицирање до странската организација од страна на домашната компанија

Врз основа на резултатите од спроведената посета, како и врз основа на природата на потребата/проблемот со кој се соочува домашната компанија, владините претставници ги доставуваат контакт податоците од домашната компанија до странските организации. Од странските организации, домашните компании добиваат пристап до нивниот интернет портал каде домашните компании ги пополнуваат бараните податоци на англиски јазик, а со цел странската организација што полесно да утврди кој е најсоодветниот експерт за домашната компанија.

Утврдување на конкретната потреба помеѓу странската организација и домашната компанија

Странската организација од домашната компанија може да побара и дополнителни податоци (освен оние наведени во апликацијата) доколку постојат нејаснотии во однос на точната потреба/проблем со кој се соочува домашната компанија и за кој проблем бара експертска помош. Ваквата практика ја намалува можноста странската организација да понуди несоодветен експерт кој потоа би бил одбиен од домашната компанија а со тоа би се оддолжил процесот на изнаоѓање соодветен експерт.

Предлог за експерт од страна на странската организација

Врз основа на прецизно утврдената потреба и деталните податоци добиени за домашната компанија, странската организација доставува предлог експерт (негово CV). Вообичаено странската организација доставува еден предлог но доколку постојат повеќе експерти во странската организација кои можат да ги исполнат барањата на домашната компанија, странската организација може да понуди и повеќе предлог експерти од кои домашната компанија треба да избере. Доколку во својата база странската организација не поседува експерт со профил кој се бара од страна на домашната компанија, домашната компанија ја доставува апликацијата до друга странска организација со која Владата има склучено договор за соработка во однос на овој Проект. Експертите се пензионирани лица кои целиот свој работен век го реализирале во компаниите од најразвиените западно - европски земји и како резултат на тоа поседуваат огромно искуство во предметот на работа за кој домашната компанија има потреба од експертот.

Проверка на експертот од страна на домашната компанија и негово одобрување или одбивање

Домашната компанија откако ќе го добие CV-то (за еден или повеќе експерти) има обврска да ги провери неговите референции со цел да утврди дали одговараат на нивната потреба. Доколку домашната компанија утврди дека експертот ги исполнува условите согласно неговите референции должна е да воспостави и визуелен контакт (SKYPE) со експертот со цел и директно да се запознае и да ги потврди писмените наводи на експертот во неговото CV. Доколку домашната компанија смета дека експертот нема да може да одговори најсоодветно на потребите, за тоа ги известува владините претставници при што ја наведува и причината поради која го донел таквиот заклучок, а со цел при повторувањето на постапката на изнаоѓање на нов експерт да се дополни апликацијата со цел пронаоѓање на најсоодветниот експерт во базата на експерти на странската организација. 

Утврдување на период во кој би се реализирала мисијата помеѓу домашната компанија и експертот

Доколку и во директниот контакт домашната компанија утврди дека експертот одговара на нивните потреби, во комуникација со странскиот експерт го утврдува периодот во кој може да се реализира мисијата. Во таа насока треба да ги земе предвид своите и приликите и можностите на самиот експерт, односно да се избегнува да се избираат периоди на годишни одмори, државни или верски празници, како и да се земат предвид претходно договорените ангажмани на експертот. За периодот на мисијата домашната компанија ги известува владините претставници со цел да се преземат сите неопходни административни активности во врска со организација на патувањето на експертот. Домашната компанија е должна за периодот на мисијата да обезбеди сместување и храна за експертот и за истото да го извести пред неговото доаѓање.

Реализација на мисијата од страна на експертот

Домашната компанија е одговорна за пречек на експертот на аеродром. Откако експертот ќе пристигне, пред да се пријави во местото на сместување, потребно е домашната компанија да го однесе до локалната канцеларија на Министерството за внатрешни работи за да го пријави неговиот престој. Домашната компанија е одговорна и за локалниот транспорт на експертот од/до местото на сместување до/од своите работни простории.
Со цел успешна реализација на мисијата, односно остварување на потребата за која е ангажиран експертот домашната компанија потребно е да направи агенда во која би се предвиделе секојдневните аспекти на работењето кои би биле во фокусот на работењето со експертот. Исто така потребно е домашната компанија да одржува редовни состаноци на кои би се утврдило дали одредените аспекти од работењето се поминати (надминати, решени) или е потребно повторно да се навратат на истите. Имајќи предвид дека се работи за пензионирани лица, а со цел да се остави добар впечаток кај експертот, домашната компанија е пожелно слободното време на експертот да го искористи за запознавање на експертот со локалната средина, знаменитости, историја, традиција и култура, со што би се обезбедила топла и пријателска атмосфера која би придонела за догорочна соработка како на експертот со домашната компанија, така и на странската организација со Владата во натамошното реализирање на Проектот.

Одговор на прашалникот поставен од Владата од страна на домашната компанија

Со цел да се утврдат остварените резултати и потребата од дополнителна експертска помош, шест месеци по завршување на мисијата, владините претставници до домашната компанија доставуваат прашалник кој домашната компанија има обврска да го пополни. Доколку е тоа потребно, прашалникот може да биде пополнет и од страна на владините претставници во директна комуникација со домашната компанија или посета на лице место. Целта на прашалникот е да се утврдат квалитативните и квантитативни подобрувања кои се произлезени од мисијата на експертот пред се со цел да се утврди влијанието на проектот врз растот и развојот на домашната компанија и евентуалните нови работни места, што е основната цел на Проектот.

За колку време од аплицирањето би можеле да го очекуваме експертот?

Времето од аплицирање до пристигнување на експертот во вашата компанија зависи од повеќе фактори кои се набројани и ја сочинуваат целата постапка (наведени погоре), но вообичаено процесот трае од три до шест месеци.

Каква корист би имала мојата компанија од овој проект?

Домашната компанија при аплицирањето за Проектот го посочува конкретниот проблем/потреба со кој се соочува во одреден дел од своето работење (производство, организација на работење, анализа на деловниот процес, маркетинг/продажба, и сл.). Странскиот експерт избран од страна на домашната компанија во заеднички утврдениот период ја посетува домашната компанија со цел заедно со домашната компанија да се изнајдат најсоодветни решенија со чија имплементација домашната компанија ќе обезбеди раст и развој во своето работење, односно зголемување на приходите и намалување на трошоците.

Какви трошоци би имала мојата компанија од овој проект?

Домашната компанија ги покрива само трошоците за храна, сместување и локален транспорт, додека трошоците за авионски карти, дневници и останати административни трошоци ги покрива Владата на Република Македонија во соработка со странските експертски организации и други донатори на Проектот.

Доколку сакате да поставите прашање поврзано со Проектот

тоа може да го направите на следната адреса: Aleksandar.Andovski@gs.gov.mk или на следниот телефонски број: (02) 3 200 104, локал 203.